БЛОГ
21 мај 2021

Државата и правото на здрава животна средина

Извор: jcomp/Freepik

ЕВГЕНИЈА КРСТЕВСКА

Адвокатка за животна средина

Деградираната животна средина, без разлика дали тоa е поради загадување на воздухот, излевање на нафта, фрлен отпад, губење на биолошката разновидност, уништување на шумите или ефектите од климатските промени, може да има далекусежни импликации врз  низа човекови права.

Секој има право на здрава животна средина. Здравата животна средина се смета за предуслов за остварување на другите човекови права, вклучително и правата на живот, храна, здравје и соодветен животен стандард. Ова е делумно опфатено во основното човеково право на здравје утврдено во Меѓународниот пакт за економски, социјални и културни права (ICESCR), кој забележува дека државата мора да го обезбеди и заштити правото на здравје преку подобрување на сите аспекти на хигиената на животната средина .Во меѓународното право постои широк спектар на регионални инструменти за човекови права, како што е Протоколот од Сан Салвадор, како и преку воспоставување на мандат за специјални процедури на ООН за човековите права и животната средина  во 2012 година.

Сепак, не сите држави во светот го признаваат правото на животна средина. Приврзаниците на Глобалниот пакт за животна средина се залагаат за универзално признавање на човековото право на здрава животна средина во обврзувачки меѓународен договор како важен следен чекор. Генералниот коментар на Комитетот за човекови права 36 наведува дека „Деградацијата на животната средина, климатските промени и неодржливиот развој претставуваат едни од најитните и сериозни закани за можноста на сегашните и идните генерации да уживаат во правото на живот“. Време е државите да започнат да го третираат како такво.

Правото на здрава животна средина во Северна Македонија е заштитено со член 43 од  Уставот кој  гласи:

“Секој човек има право на здрава животна средина. Секој е должен да ја унапредува и штити животната средина и природата. Републиката обезбедува услови за остварување на правото на граѓаните на здрава животна средина.”

Вака пропишаното право дава активна облигација на секој граѓанин на Републиката да ја чува и штити животната средина, додека самата Република има должност да ги обезбеди условите за уживање на ова право на нејзините граѓани.

Заштитата и обврските кои произлегуваат  за различните актери во општеството во остварување на ова право се регулирани со Законот за животна средина како посебен закон.

Меѓутоа, иако гледано од правен аспект државата превзела чекори за заштита на ова право во легислативата праксата покажува дека потребно е активно спроведување на истата и превземање на итни мерки.

Мораме да ја потенцираме и индивидуалната одговорност кон заштитата на животната средина. Секој човек мора да биде свесен за своите постапки и не смее да допринесува кон уништувањето на животната средина.  Уживањето на ова право зависи како од државата, така и од луѓето.

Активизмот поткрепен со правна основа и вистинскиот пат до остварување на еколошката правда. Граѓаните мораат активно да бараат од државата превземање на мерки за заштита на животната средина, поголема одговорност и целосна анализа на влијанието врз животната средина во процесите на носење на одлуки или изградба на проекти кои што може да доведат до негативни последици.Одржливиот развој мора да биде дел од секојдневното живеење, но и застапен во работењето на институциите.

Адвокатите за животна средина најчесто својата работа ја посветуваат кон наметнување на овој принцип и се залагаат за ублажување на последиците од климатските промени.

Ве охрабрувам да започнете со свои инцијативи за заштита на животната средина и да ги мотивирате луѓето и институциите да бидат повеќе одговорни во своето постапување за да може секој од нас, но и идните генерации да ги уживаат благодетите што оваа убава планета ни ги овозможува.