ДЕМОКРАТИЈА И ВЛАДЕЕЊЕ НА ПРАВОТО

10. ноември 2021.

Жените во македонските ТВ дебатни емисии за време на КОВИД-19 кризата- олицетворие на родова нееднаквост

Aвторот: Ангела Делевска, Северна Македонија

 

Со појавата на првиот случај на коронавирус во Северна Македонија на 26 февруари 2020 година, проследено со прогласувањето на првата вонредна состојба на 18 март 2020 година, медиумите редовно известуваа за различните аспекти на пандемијата од КОВИД-19, која покрај тоа што прерасна во здравствена криза, се претвори и во социоекономска и хуманитарна криза со силни негативни импликации врз родовата еднаквост и понатамошно продлабочување на постојните нееднаквости.

Жените се соочуваат со многу проблеми во кризата, кои заслужуваат простор во  медиумите. Сепак, со анализата на клучните дебатни програми во земјата, емитувани за време на пандемијата во 2020 година, документот за јавни политики насловен „Надвор од етерот: Родовата репрезентација на македонските дебатни емисии за време на пандемијата од КОВИД-19 во 2020”, кој го објавивме јас и Елена Данова заедно со Civil Rights Defenders, го потврди долгогодишниот постоечки јаз во рамноправната застапеност на родовите во медиумите. Проблемите ретко се разгледуваат и пренесуваат од родова перспектива, а бројот на жените како извори на експертиза во дискусиите за различни аспекти на пандемијата е многу мал.

Што покажуваат наодите?

За почеток, анализата забележува дека жените во голема мера отсуствувале и како категорија и/или група и како специфични индивидуи во дебатните емисии. Во однос на последниот аспект што беше почесто случај, жените скоро секогаш беа поканети да зборуваат во контекст на нивната работа како носителки на јавни функции и претседателки/директорки на одредени организации/здруженија. Првиот аспект во голема мерка беше ограничен на приватната сфера, па кога жените беа дел од темите дискутирани на дебатите, фокусот повторно беше ставен на улогата која им се препишува на жените во однос на  традиционалните одговорности за грижа и репродукција.

Иако нееднаквостите помеѓу мажите и жените во земјата се особено изразени кога станува збор за економскиот статус и пристапот до финансиски средства, а жените се и најголем број на медицински работници (72,29%), во анализираниот период очигледни отсуства на родот и обработување на теми од значење за родовата еднаквост, се забележани токму на дебатите каде тема беше економската криза предизвикана од коронавирусот, епидемиолошката состојба и управувањето со кризата од страна на здравствените власти. Отсуството на родовата димензија беше забележано и во дебатите каде се дискутираше за рестриктивните мерки преземени од Претседателот на земјата и Владата за сузбивање на вирусот, без разлика што истите донесоа специфични потешкотии и закани за жените (како што се работа од и во домот, неплатена работа и зголемена опасност од семејно насилство). Додека жените беа споменувани како здравствени работнички, текстилни работнички и како неформални работнички, немаше понатамошна дискусија за хоризонтална сегрегација или какви било други можни последици што произлегуваат од оската на родовата нееднаквост.

Преку бројки, нашето истражување покажа дека од вкупно 535 емитувани дебатни програми, 290 (или 54%) опфаќале теми поврзани со коронавирус, каде од 636 гости кои учествувале во овие програми, само 136 биле жени (или 21%). Покрај тоа, полот на новинарот не направи разлика во бројките, имајќи го предвид фактот дека иако новинарството во Северна Македонија е претежно женска професија и во 67% од дебатите што покриваа теми за коронавирус водителки беа жени, сепак 46% од програмите беа „манели“ – т.е. само машки панели.

Конечно, овој „родово- слеп “ или „родово-нечувствителен“ пристап беше забележан и во однос на употребениот јазик. Пропустот беше замаглен со употребата на навидум родово неутрален јазик, што всушност е форма на дискурзивно исклучување на жените и форма на поништување на разликите кои постојат кај родот. Ова станува особено очигледно, согласно фактот дека  женската множинска форма на некои именки, иако е дел од стандардизираниот македонски јазик, се користеше само во врска со одредени професии со што се следеа моделите на хоризонтална поделба, како што се наставнички, медицински сестри, хигиеничарчки, текстилни работнички.

Патот напред

За да не се повторат овие наоди што ги карактеризираат македонските медиуми со години, медиумските работници треба да ги зголемат напорите за градење капацитети, пред сè преку родова свест, родова застапеност и родово сензитивни јазични обуки за подигање на свеста и професионалноста на новинарите и продуцентите. Актите за саморегулација на медиумите, како што се внатрешните кодекси на однесување/етиката и процедурите за внатрешен надзор, треба да вклучуваат јасни и ефективни клаузули за застапеност на  различните родови и родовата еднаквост, кои исто така ќе бидат земени предвид и при развивањето на програмата, како и при нивното административно и финансиско планирање. Дополнително, тие треба строго да избегнуваат програми каде што нема застапеност на родовиот баланс (како што се „манели“) и треба да имаат за цел да ги идентификуваат и разбијат сопствените пристрасности кон и / или практиките на гледање на жените како понебитен извор на експертиза во споредба со мажите. На пример, ова може да се направи со развој и/или редовно ажурирање на списоците за експерти преку нивно проширување со експерти кои не се цис-мажи.

Крајно, но не е помалку важно, сите горенаведени препораки целосно се применуваат и во врска со транс*,експертите кои не припаѓаат на традиционаланта бинарна поделба и заедници кои во моментов се скоро целосно невидливи.

0 replies

Leave a Reply

Want to join the discussion?
Feel free to contribute!

Напишете коментар