ЗАШТИТА НА ЖИВОТНАТА СРЕДИНА

01. ноември 2021.

Како до повеќе електрични автомобили/возила низ патиштата на Западен Балкан?

Aвторот: Рилинд Даути, Cеверна Македонија

Во земјите од Западен Балкан просечната старост на возилата во оптек достигнува 20 години. Ваквиот разочарувачки факт не треба да нѐ изненади со оглед на нискиот животен стандард на граѓаните, па тие не се во можност да штедат пари за да купат ново возило. Наместо тоа, типичниот Балканец вози автомобил што едвај се управува, троши многу гориво, често прави дефекти и ја загадува околината.

Но, финансиската можност не е единствената причина за мизерната состојба на возниот парк низ патиштата на Западен Балкан. Друга причина е недостатокот на култура за оперативен лизинг, како еден од начините физичките лица да дојдат до нов автомобил.

Оперативниот лизинг вклучува стекнување на нов автомобил без да станете сопственик на истиот. Ова на прв поглед звучи како неприфатлива понуда, но носи многу предности отколку негативни страни со оглед на фактот дека не сте сопственик на автомобилот. Поточно, оперативниот лизинг е најдобриот начин до редовно управување со нов автомобил. Тој предвидува плаќање на одреден износ на пари на почетокот на договорот и за секој нареден месец за предвидениот период додека го користите автомобилот (обично 36 месеци). На крајот, во зависност од земјата, клиентот има можност да го врати автомобилот, да го продолжи лизингот на истиот или да го купи по намалена цена како резултат на фактот дека тој се користи веќе неколку години.

Почетната сума што треба да се плати на почетокот на лизингот е од 1500 до 3000 евра, додека месечната рата честопати може да биде и под 300 евра.

Оперативниот лизинг на прв поглед може да изгледа скапа варијанта.Но, цената на едно старо/половно “количе” може да биде и над 4000 евра (т.е. лесно ја надминува првичната сума на оперативниот лизинг), а тоа количе потоа прави поголеми трошоци за гориво и поправки. Новиот автомобил, пак,за кој иако плаќате сума од неколку стотици евра месечно, во голема меранадоместува со заштеди за гориво и поправки. Дури и да има потреба од поправка, компаниите за лизинг го поправат бесплатно затоа што автомобилот е под гаранција!

Изненадувачки, оперативниот лизинг воопшто не се рекламира како опција од увозниците на автомобили. Дури и кога конечно ќе го најдете на нивните веб-страници, недостасуваат податоци со конкретни бројки за тоа колку би чинел одреден автомобил доколку го користите преку оперативен лизинг.

Но, ваквото мудро постапување (?) од страна на увозниците на нови автомобили неизбежно ќе мора да заврши. Никој не може да ги принуди да го променат овој пристап освен државата која го има монополот на принуда. Ова може да се реши преку донесување или измена и дополување на закон. Кога ќе се рекламира цената на автомобилот, цената да се одреди заедно со пресметката на најниската цена за користење на автомобилот преку оперативен лизинг, на пример за класичен период од 36 месеци.

Она што државата треба да го стори е да воведе забрана за увоз на возила на гориво (вклучително и хибриди со приклучок “plug-in”) и да дозволи увоз на само 100 проценти електрични возила. Оптимална година за влегување во сила на оваа забрана е 2025 година. Дотогаш цената на електричните автомобили ќе се намали и ќе стигнат на ниво на цените на класичните автомобили, а сите производители на автомобили ќе имаат на понуда електрични автомобили. Така, ниту еден увозник од Западен Балкан нема да може да се жали со образложение дека е принуден да ја прекине својата деловна активност.

Забранувајќи продажба на моторни возила со гориво, земјите од Западен Балкан би го постигнале она што е познато како технолошки „leapfrogging“. Што значи ова? Во споредба со западните земји кои цело ова време ги заоструваат стандардите за автомобили со гориво, на овој начин земјите од Западен Балкан би скокнале директно на електрични автомобили/возила!

И последното што треба да се спомене, но можеби и најважната работа што треба да ја направат владите на Западен Балкане да одвојат ваучери за набавка или користење на електрични возила со оперативен лизинг. Ваучер од 2000-3000 евра би направил голема разлика бидејќи може да се искористи за почетниот износ споменат погоре.На граѓаните ќе им остане обврска само месечната рата која, како што веќе споменавме, дел од тој износ ќе се надомести од заштедите за гориво и одржување. Од друга страна, трошоците кај нов и електричен автомобил се многу пониски отколку кај старите половни возила кои согоруваат многу гориво.

За крај, честопати се вели дека електричните автомобили не се толку чисти како што мислиме со оглед на фактот дека нивните батерии се полнат со електрична енергија произведена од електрани на јаглен. Ова може да изгледа особено проблематично за Западен Балкан каде што многу такви централи сè уште функционираат. Но ова не треба да нè исплаши. Имено, дури и ако еден електричен автомобил има батерија полнета со електрична енергија произведена од јаглен, сепак е многу поеколошки отколку еквивалентниот автомобил што троши дизел или бензин. Покрај тоа, електричните автомобили не испуштаат други гасови освен јаглерод диоксид, што ги прави целосно нештетни за воздухот, за разлика од горивата кои загадуваат и со азотни оксиди (NOx) и штетни честички како што се ПМ10.

0 replies

Leave a Reply

Want to join the discussion?
Feel free to contribute!

Напишете коментар