ДЕМОКРАТИЈА И ВЛАДЕЕЊЕ НА ПРАВОТО

ДИГИТАЛНИ МЕДИУМИ

08. ноември 2021.

Еднакво образование за сите!

Aвторот: Панде Ефтимов, Програмски асиснтент во Младински Активизам – МОФ

Правото на образование на децата со посебни потреби е опфатено и регулирано  во поголем број меѓународни документи, а специфично е обработено во Конвенцијата за правата на детето,(Усвоена на генералното собрание на ОН во 1989); Конвенцијата за правата на лицата со попречености(Меѓународен договор за човекови права на ОН ~ На сила од 2008); Закон за ратификација на Конвенцијата за правата на лицата со попреченост и Факултативниот протокол кон Конвенцијата за правата на лицата со попреченост(„Службен весник “, бр.172/11.); Уставот на РСМ(Член 9, Член 35, Член 44 и други); и во сите специфични документи и текстови за човековите права и слободи. Но, покрај сето ова – сЕ уште генералната слика во ова општество алудира на тоа дека постои голем простор за подобрување на достапноста на образованието, образовните содржини, уживањето еднакви права и можности за сите ученици и вклучувањето на лицата со попречености во општествениот живот. Тука како аспект се јавува фактот што законските регулативи и меѓународните документи не соодветствуваат со реалната ситуација во која егзистираме.

Како исклучително важен проблем кој се занемарува е недостатокот од соодветни планови и програми за лицата со попречености, несоодветни едукативни методи, техники, принципи и начини на реализација на часовите во рамки на воспитно-образовниот систем во Република Северна Македонија – Сите овие работи придонесуваат кон нееднаквоста на образованието. Ова се провлекува низ многу аспекти од организацијата на целиот процес на едукација во оваа држава. Вклучувањето на лицата со попречености претставува клучен  фактор. Ова е од особено значење за сите лица со попречености, а особено за глувите и наглувите ученици од оваа држава.

Дополнително, значаен аспект кој се проткајува низ овие прашања е и зголемувањето на колективната свест во Република Северна Македонија. Препорачливо е да бидеме што подалеку од корупциското секојдневие кое е насекаде околу нас! Ова е од исклучителна важност за иднината на нашето воспитание и образование. Колку и да е минорно, мораме да бидеме свесни дека многу е тешко да се искорени поради тоа што е многу длабоко навлезено во секојдневието и фактот што постои од многу одамна. Но, дефинитивно можеме.

Дополнителен проблем во Република Северна Македонија е самиот статус на знаковниот јазик. Имено, единствената иницијатива за стандардизирање на македонскиот знаковен јазик се има случено во 2009 година, кога се подготвува Законот за употреба на знаковниот јазик кој се зборува на нашата територија, каде што се впишани околу 1400 знаци. Тоа е 20% помалку од стандардниот македонски јазик. Не сме сите свесни дека во неформалната секојдневна комуникација глувите и наглувите употребуваат многу повеќе од ова. Од тогаш, па се до денес постои огромен конфликт на институционално ниво и ништо се нема променето. Конфликтите произлегуваат од индивидуални, непрофесионални, партиски и корупциски причини.

Исто така, во рамките на целата држава постојат околу 30 активни сертифицирани толкувачи. Ова дополнително ја отежнува стандардната комуникација, контактите со институциите, еднаквите права и можности и најважно – еднаквото образование за сите глуви и наглуви лица.

Дали некој се запрашал каде водат сите овие мерки, чекори, законски норми, подобрувања и напори кои се прават во рамките на нашиот воспитно-образовен систем? Дали процесите кои ги туркаат интитуциите алудираат на стабилна основа за перцепирање и разбирање на сите аспекти на процесот на учење и пренесување на знаења? Дали сите ученици се еднакво вклучени?

Иницијално, за да постои еднакво образование за сите, треба самата професионална интеграција да биде на повисоко ниво. Несомнено е дека меѓуинституционалната соработка и колегијалноста треба да бидат на секое ниво во образованието. Донесувањето одлуки за имплементирање на нови стратегии, методи, дидактични пристапи и литература во воспитно-образовните планови и програми претставува повеќенасочен процес во кој треба да бидат вклучени  повеќе засегнати страни. Моменталната ситуација во Република Северна Македонија алудира на тоа дека не се вклучени различните размислувања и аргументи на сите страни. Ова особено се однесува на проблемите со кој се соочуваат глувите и наглувите ученици во нашата држава. Лицата со попречености за време на пандемијата немаа еднаков пристап до образование. А, глувите и наглувите ученици беа целосно занемарени. Тие не беа еднакво вклучени во едукативните процеси кои постојано се реформираа за време на пандемијата со Ковид-19 во РСМ.

Несомнено е дека оваа пандемија, со која сЕ уште се соочуваме, ги помести границите на традиционалната едукација. Целокупниот процес на формално и неформално воспитание и образование се насочи кон интернет платформите за аудио и видео комуникација. Овој чекор на онлајн настава и целосна дигитализација на воспитно-образовните процеси за време на Ковид-19 претставува значаен предизвик за лицата со попречености, а особено за глувите и наглувите лица. Никој не беше подготвен за оваа инстантна промена. Институциите си ја префрлаат одговорноста и не превземаат конкретни мерки за да се подобри генералната инклузивност и еднаквиот пристап до образование за сите ученици во нашата држава. Навистина е жално што од вакви постапки пред се’ страдa воспитно-образовниот систем, а директно им се нанесува штета на учениците, кои треба да бидат во прв план. Треба навистина да се согледаат индивидуалните можности, барања, афинитети, склоности на сите ученици. Без разлика на нивните попречености.

Поради овие причини, работевме и застапувавме пред многу институции за креирање сеопфатно, достапно, инклузивно и подобро образование за оваа маргинализирана група. Заедно со учениците од ДУЦОР „Партенија Зографски“ подготвивме и неколку писма со препораки до МОН, БРО и МТВ. Целите на нашата иницијатива беа насочени кон:

  • Критички осврт за недостатокот и погрешната перцепција за иклузивност која гравитира моментално;
  • Подигање на свесност за македонскиот знаковен јазик;
  • Активирање на глувите и наглувите млади лица за промени преку креативен активизам;
  • Зголемување на воспитно-образовните содржини за глувите и наглувите ученици на националната телевизија(МРТ);
  • Обезбедување на толкувач за содржините на платформата „ЕДУИНО“;
  • Насочено и взаемно дејствување на институциите и младите глуви лица;

Сметам дека МОН е надлежната и одговорна институција. Па, затоа тие треба да покренат инцијатива и заедно со Сојузот на глуви, сертифицираните толкувачи и МТСП да превземат мерки за разрешување. Од МОН дознавме дека моментално се работи на тоа сите содржини од ЕДУИНО(Колективен портал за дигитални едукативни содржини), емисиите, серијалите и видео прилозите да бидат преведени и титлувани на сите јазици. Но, забелешката од наша страна беше дека и покрај титловите – глувите и наглувите ученици повторно ќе имаат проблем да ги следат овие содржини. Па, затоа ќе треба да обезебедат и знаковно толкување за сето тоа.

Воспитно-образовниот систем е полето од кое треба да се тргне за да се подобри квалитетот на една цивилизација во глобални рамки. Институциите задолжени за воспитно-образовниот систем треба да направат фундаментален чекор за подобрување на иднината и усовршување на човештвото. Поради таа причина, неопходна е конкретна промена во организацијата и структурата на процесот на едукација во Република Северна Македонија. Најсоодветно е да постои еднакво образование за сите. Само така би ги задоволиле индивидуалните афинитети, склоности, барања и квалитети на секое дете.

Факт е дека учителската професија е поопиплива, покомплексна и бара поголемо внимание од било кога. Сегашноста веќе ги има затегнато конците на иднината, а ние сЕ уште не сме свесни за општествените промени. Индустријализацискиот филтер, кој функционира и денес, е прилично застарен модел коj ја занемарува комплексноста на човековиот ум. Традиционалниот образовен систем ја кочи индивидуалноста, креативноста, комуникацијата, напредокот и развивањето на сите варијации на способности кои ги поседува човекот. Учителот е погрешно едуциран, а неговите ученици не добиваат соодветно образование кое ќе ги унапреди нивните индивидуални вештини.

Финално, можеме да заклучиме дека можеби немаме доволно ресурси. Но, со соодветна меѓуинституционална соработка, малку добра воља и колективна свест може многу едноставно да се реши проблемот и да се задоволат барањата на глувите и наглувите ученици. Мора да се вклучат што е можно поголем број на истражувања, компаративни анализи, различни мислења, соработки докази, целосно менување и адаптирање на плановите и програмите, активен филтер за селектирање на квалитетните меѓународни проекти во воспитно-образовните системи, вклучување на иновативни инклузивни методи, вклучување на специфични дидактички помагала,  вклучување на одредени пристапи од алтернативната едукација(пр. Валдорф, Монтесори…) и друго. Институциите треба да работат интензивно на овие прашања.  Ајде да направиме да живееме во држава каде што има еднакви можности за образование и воспитание за сите ученици!

0 replies

Leave a Reply

Want to join the discussion?
Feel free to contribute!

Напишете коментар